Синоќа  во атарот на црквата Св. Петка пред спомен обележјето на Живко Чинго  во  Велгошти  се одржа  традиционалната културна манифестација, „Вечер на Живко Чинго“.

Пред љубителите на пишаниот збор и делото на Чинго се обрати градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски .

-И овој 13-ти август, овде, во неговата чудесна земја Пасквелија, дојдовме да се поклониме и да оддадеме почит на грандиозното литературно творештво на големиот македонски и светски писател, Живко Чинго.

Иако изминаа 31 година од неговата прерана смрт, Живко Чинго е еден од најголемите промотори на Охрид и Македонија ширум светот.

Нема година, нема континент и нема светски јазик на кој не се преведуваат и не се преобјавуваат епохалните и вонвременски литературни остварувања на Живко Чинго.

Посебни научни симпозиуми за значењето и уметничките вредности на неговото книжевното творештво се организираат и на најпрестижните научни институции ширум светот.

Литературното и севкупното културно наследство што ни го остави Живко Чинго е наша огромна обврска да го чуваме, негуваме, почитуваме и пренесуваме на генерациите кои доаѓаат, бидејќи тоа е нашиот најсигурен мост на поврзување со светските културни и цивилизациски достигнувања.

Општина Охрид и оваа година го распиша традиционалниот Конкурс за најдобар расказ за наградата “Живко Чингo” и ја користам оваа прилика да му изразам честитки на добитникот на наградата, но и на сите оние кои во огромна бројка зедоа учество на овој престижен литературен конкурс.

Благодарност до жири комисијата за стручно и професионално завршената работа, при изборот на најдобриот расказ за оваа година.

Посебно ја користам приликата да и изразам огромна благодарност на академик Катица Ќулавкова, која не удостои да биде вечерашен беседник за ликот и делото на големиот Живко Чинго – рече градоначалникот Стојаноски.

Благодарам што вечерва  ве има повеќе од доволно, зашто  без вас ние  не постоиме дури ни кога мислиме дека сме присутни. Без читатели нема пистели; без слушатели нема приказна. Би сакал да се заблагодарам и на Општина Охрид што не се откажува од намерата да инсистира на нови раскази кога сите инсистираат на нов профит, нови зделки и нови брендови!– посочува Миневски 
Миневски го изнесе и својот став за значењето на наградата  „Живко Чинго “.

Престижната награда „Живко Чинго“ трае веќе триесет години па затоа секој што ја добива мора да знае дека неговиот расказ во најмала рака мора да издржи барем толку колку што  наградата со своето траење ги има собрано на едно место највредните раскажувачки резултати во периодот на своето постоење.

Самото име на наградата, пак, е обврска што не признава никакви олеснителни околности. Во таа насока за мене секогаш во изминативе три децении било голем предизвик да учествувам на конкурсот во чест на нашиот голем писател Живко Чинго, добивајќи ја досега петпати наградата што го носи неговото име.

Мислам дека досега не се разочаравме меѓусебно па затоа со крената глава може да кажеме дека е доста, дека треба да се остави простор за други борци во рингот, а ние секогаш ќе бидеме негде близу, можеби таму каде што се станува птица во пролет, што би рекол Чинго–  подвлекува  Миневски.

Беседа за великанот  одржа проф. д-р Катица Ќулафкова, а се одржа   и културно –уметничка програма.

Организатори на настанот беа  општина Охрид и МЗ Велгошти.

Извор:  www.mkdnews.com