velgosti-newsУбавината на манастирот Св. Петка во Велгошти кој се издигнува како пуст остров во море од зеленило, историското минато на ова живописно село и прекрасната панорама на градот Охрид која се протега од дворот на црквата и ти го одзема здивот, се причините што Ванѓелко Лозаноски пред речиси две години започнал да го пишува делото „Одблесоците на Велгошти и манастирот Св. Петка“.

Ретко во историјата на  Македонија имало вакво поврзување на еден манастир и местото каде тој се наоѓа. Велгошти, велгоштани и манастирот Св. Петка имаат нераскинлива врска со векови наназад. Доколку велгоштанец се заколне во Св. Петка тоа е закон дека ќе ја исполни заклетвата, вели авторо Ванѓелко Лозаноски.

За ова дело да ја види светлината на денот авторот Лозаноски имал помош од повеќе соработници. Коавторот Љубица Чифлигароска вели дека идејата за да се создаде оваа книга тлеела од поодамна и чекала погоден момент за реализација. И коавторот Ленче Трајаноска Николоска не ја крие среќата што е дел од овој проект.

Јас сум велгоштанка и точно го знам значењето на овој манастир за мештаните и селото. Тоа е нешто што тешко се опишува со зборови, вели Николоска. Инаку, планирано е во текот на месец февруари да се издаде уште едно дополнето издание бидејќи има уште многу материјали и за селото и за манастирот кои не се објавени во ова дело. (ТВМ)