По 29-ти пат одржана културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“

Во  Велгошти, во близина на манастирот „Света Петка“ по 29ти пат се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, во организација на МЗ Велгошти и Општина Охрид. Годинешната манифестација беше во знакот на одбележувањето на 30 годишнината од смртта на великанот, големиот македонски прозаист и драмски писател Живко Чинго.

На споменикот на „Живко Чинго“ свежо цвеќе положија заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев со претставници од Советот на Општина Охрид, делегација на ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти, претставници од семејството на Живко Чинго, претставници од МК ВМРО-ДПМНЕ Велгошти и ОО на СДСМ Охрид.

Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев.

„Со манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ ја исполнуваме обврската за трајна почит кон творечкиот дух и великото дело на Живко Чинго.Нејзин централен дел е конкурсот за најдобар расказ, кој општина Охрид, традиционално го објавува секоја година, конкурс кој се издигна на врвот на македонските книжевни манифестации“- рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Жири комисијата во состав, проф.д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Аврамоска и писателот Славе Ѓорго Димоски, од 58 пристигнати раскази на анонимниот јавен конкурс, одлучи првата награда во износ од 30.000,оо денари да му ја додели на расказот „ Во рогот на волот“ од Блаже Миневски. Добитникот Миневски, кој не присуствуваше на свеченоста поради промоција на негов роман во Италија, испрати благодарност за добиената награда.

„Наградата што го носи името на нашиот прозен великан не е само големо признание за оној што ја добива туку и огромна одговорност за жирито што ја доделува. Постојат награди што траат покусо од делото што е наградено; награди што траат подолго од награденото дело но и награди што траат долго заедно со делото, како и делото заедно со наградата. Жирито е првиот жирант за долговечноста на наградата и награденото дело. Фактот што конкурсот за наградата „Живко Чинго“ трае долго, а наградените творби претставуваат репрезентативна антологија на македонскиот расказ, зборува за тоа дека жирито секогаш ја има предвид големата одговорност што ја носи името на наградата“- напиша Миневски.

Беседа за писателот одржа проф. д-р Кристина Николоска.

„И еве не вечерва во родното Велгошти, очи во очи со вистината, овде, каде тој повел разговор со секој лист од оваа горда гора, каде го читал писмото на ѕвездите, каде си шепотел тајни со небото и каде што почнал да ја наслушува големата вода… И годинава се собравме сите,оттука, од каде што зачна неговата мисија, каде три децении, верно, го чествуваме неговиот подвиг“- рече Николовска.

На крајот програмата беше збогатена со богата културно-уметничка програма.

Извор: WebOhrid

Фотп: WebOhrid




Напишете коментар