Положено свежо цвеќе пред спомен обележјето на стреланите жители во Велгошти

Во Велгошти им беше оддадена почит на стреланите жители од с. Велгошти, охридско  во 1913 година. Пред спомен обележјето, свежо цвеќе положија претставници од Општина Охрид, МК ВМРО-ДПМНЕ Велгошти, претставници од МЗ Велгошти, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, претставници од Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ како и претставници на Македонското патриотско здружение „Методија Патче“ од Охрид.

„На 7ми септември се собрале сите велгоштани, пред тоа бил направен пустош од страна на Српската жандармерија по задушувањето на Охридското востание, после тоа жандармеријата ги собрала сите мажи и жени во црквата Св.Климент. Потоа ги одделиле мажите од жените и ги собрале во охридскиот затвор. Тука се собрала петчлена комисија која разговарала што да се прави со тие мажи. Најпрво сакале да ги убијат сите мажи, но тогашниот претседател Ангелковиќ решил да се убие секој петти. Како што гледате на споменикот тие се сите отепани, овде има 13 имиња, но како што кажуваат историчарите има некаде 30 имиња најдени, додека некои историчари велат дека се 52. Стрелани се во охридскиот затвор, а телата се фрлени во варниците и три дена не им се давале на семејствата. Ова е голем настан тука лежат нашите коски, тоа е нашата историја.“- истакна Ѓоко Чингоски, претставник од МЗ Велгошти.

Пред присутните се обрати историчарот доцент д-р Никола Митровиќ, кој даде историски осврт за самиот настан. Според него, Охридското востание како настан не е доволно истражуван, тој треба дополнително да се истражува.

„За селото Велгошти има многу историја, меѓутоа кога истражуваме низ историските извори треба да сфатиме еден факт дека Охридското востание, всушност може да се именува на различни начини, така да тоа е именувано како Македонско, како Македонско-албанско, како Дебарско востание, меѓутоа тоа е именувано и како Охридско востание. Дури и самите револуционери кои биле директни учесници во ова востание имале различен именик за ова востание, така да Петар Шанданов го нарекува Македонско-албанско востание, Петар Чаулев го нарекува Македонско востание против Србите итн. Значајно за ова востание е тоа што востанието кое се кренало во 1913 година, замислете било поголемо по територија од Крушевската република и по времетраење било подолго, значи траело 14 дена. Знаеме дека 1913 година била кобна за македонскиот народ. Тоа е година кога Букурешкиот договор ја дели Македонија со своите соседи. Како повод за самото востание било тоа што сакало самото востание да го сврти вниманието на големите европски сили и да укаже дека всушност овде на ова подрачје од секогаш живееле Македонци и дека српското окупаторство не е ослободување на овие територии, туку напротив е окупација.“– истакна Митровиќ.

Тој потенцираше дека едно од најзначајните места во целокупното востание, кое се одививало на територијата од Дебар па се до Кичево и Ресен било токму селото Велгошти, кое важело за патриотско село, за село кое што секогаш застанувало на интересите на македонскиот народ.

„За време на Охридското востание ова село го имале како уточиште, биле тука присутни константно, дури се смета дека и одредени насоки за делување на Охридското востание потекнувале токму од селото Велгошти. Да не заборавиме дека тука во историскиот  континуитет на селото Велгошти е создадена и првата револуционерна чета на охридскиот револуционерен округ. Селото Велгошти било главно упориште на македонските револуционери, токму поради тоа се правел огромен претрес околу селото кој траел неколку дена, притоа биле земени сите машки лица од самото село и биле однесени во Полициската станица Охрид, каде што биле ставени всушност во една тесна просторија, очекувајќи дека многумина од нив ќе се загушат. Оние што преживеале ги донесле токму во Велгошти за да ги стрелаат. Ние ги знаеме со име и презиме 13те луѓе кои биле застрелани, меѓутоа верувајте дека има и уште повеќе. Останува на нас на историчарите, меѓутоа со ваша поддршка, со поддршка на семејствата кои знаат дека нивните предци биле застрелани во овие немили настани да направиме една акција да спроведувме истражувања и се разбира да ја откриеме вистината.“– додаде Митровиќ.

Митровиќ укажа дека допрва ќе бидат истражувани сите оние кои биле стрелани по задушувањето на Охридското востание, дека ќе бидат откриени и ќе им се оддава почест бидејќи како што рече, тие тоа го заслужуваат.

Извор: WebOhrid




Напишете коментар