Бугаринот Петар Стојчев е победник на овогодинешниот 22-ри Охридски пливачки маратон. Тој патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ја  мина за шест часа, 14 минути и 51 секунда.

Второпласиран е французиниот Стефан Гомез, додека трет целта ја мина Брендан Капел од Австралија.

Најдобро пласиран македонски пливач е Тони Стефановски, кој четврт стигна до целта на градското пристаниште во Охрид.

Кај пливачките најуспешна беше германката Стефани Билер.

Наградниот фонд од 25.000 долари ќе им биде доделен на победниците на церемонијата закажана за вечерва во 20:30 часот во хотелот „Дрим“ во Струга. Наградите на првопласираните на Охридскиот пливачки маратон ќе им ги врачи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски.

Првопласираните во машка и женска конкуренција ќе добијат по 2.500 долари парична награда плус бонус за генерален пласман.

Денешниот Охридски пливачки маратон ќе биде запаметен по инцидентот што се случи веднаш по завршувањето на трката кога дојде до вербална расправија меѓу победникот Петар Стојчев и второпласираниот Стефан Гомез, по што бугаринот го удри французинот со нога.

Стојчев во изјавата за медиумите рече дека наместо честитки Гомез му упатил навреди, а францускиот пливач пак го демантираше тоа велејќи дека бил изненаден од односот на бугарскиот пливач и оти бил удрен без причина