Вести

Иванов: Разговорите за името само за она што е предвидено со резолуциите на ОН

Македонија сака да го заземе заслуженото место во евроатлантската заедница и со помош на механизмите на ОН да се реши апсурдниот спор што го наметна Грција, кршејќи ги преземените меѓународни обврски, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред 64.

 Генерално собрание на Светската организација во Њујорк. 
Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, Иванов во обраќањето истакнува дека интеграцијата во ЕУ и во НАТО се двете врвни македонски стратешки цели. Македонија, рече Иванов, заслужено очекува  почеток на пристапните преговори со ЕУ. Ги исполни и сите предвидени услови за членство во Алијансата, но беше блокирана од јужниот сосед.  
„Постапката на Грција беше спротивна на обврските преземени со Времената спогодба од 1995 год. Тоа го направи во обид да влијае врз исходот на разговорите кои се водат во рамките на ОН, со што постапи целосно во спротивност на заедничките визии за проширување на зоната на стабилност и безбедност“ рече шефот на македонската држава.
Сепак, вели, Македонија е искрено посветена на процесот на решавање на разликите со Атина во рамките на механизмот воспоставен со резолуциите на ОН. И покрај флагрантното кршење на меѓународните обврски преземени од Грција, за што е поднесена тужба пред Меѓународниот суд на правдата, Македонија активно и конструктивно учествува  во процесот на разговори под покровителство на Светската организација. Но, нагласи Иванов, „сакам јасно да кажам – подготвени сме да разговараме само за нешта кои се предвидени во резолуциите на ОН“. 
„Подготвени сме за решение кое ќе претставува разумен и фер компромис, кој на ниеден начин нема да задира ниту да го оспорува нашиот национален, културен и јазичен идентитет, и решение кое треба да добие легитимитет од граѓаните. Впрочем, нема посуверено право од правото на лично самоопределување и самоидентификација, остварувано од генерации и генерации пред нас“ рече Иванов.
Македонија се надева дека проблемот наскоро ќе биде затворен. Очекува Грција да ја напушти политиката на настап од позиција на сила за да влијае недобронамерно врз исходот на разговорите. 
„Се надеваме дека политичкото водство кај нашиот јужен сосед ќе ги антиципира пошироките интереси за трајна стабилизација на регионот. Се надеваме дека со вистинска волја и подготвеност, може да се дојде до решение во кое нема да има победници ниту поразени“ кажа македонскиот претседател.  
Иванов во обраќањето пред Генералното собрание истакна и дека на внатрешен план Македонија е уникатен пример на успешен мултиетнички и мултиконфесионален соживот, а во регионален контекст ги промовира соработката, добрососедските односи и дијалогот како клучна алатка за надминување на сите отворени прашања во регионот.
macedonia-news.info