Вести

Христос се роди! Вистина се роди!

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии.

 

По повод Божик г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав – Христос се роди!, во кое се вели:

Возљубени чеда во Господа,

Со овие торжествени и преславни зборови се најавува величествениот и пресветол ден, денот на серадосната тајна, денот на неискажливото милосрдие Божјо, денот кога се измирија Небото и Земјата. Но, тие никогаш не се исти, никогаш не трепери еднакво нашето срце кога ги слуша, никогаш не се издигнува подеднакво нашиот дух кон висините… Радоста е секогаш поголема, зашто секогаш ги преживуваме со повеќе торжество, секогаш славословиме подолго и поблагодарно… 
На овој ден се исполнија очекувањата на народите (1 Мој. 49, 10), се исполни копнежот на пророците и патријарсите, се исполни надежта на родот човечки, зашто дојде денот на слободата од гревот и смртта. На овој ден засветли во нашиот живот Светлината што не познава темнина, Изворот што не пресушува, Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог и Спасител, и го осветли патот на спасението.

А Тој – Христос, дојде во светот тивко, смирено, необично… Оној Кого вселената не Го собира, Оној Кого Го слави секое создание, Кој е Цар над царевите и Господар над господарите, дојде од вечноста во времето, слезе од престолот на славата и се роди во пештерата на пастирите, најде место во јасли и легна врз слама… Самиот себеси толку се понизи, што зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето (Филип. 2, 7). Сето тоа го поднесе од љубов кон своето создание, го изврши заради нас луѓето и заради нашето спасение. И, има ли помила и повистинска вистина од вистината за нашиот Спасител, Кој, иако Бог над сите и над сè, и неограничен и недостижен според Своето величие, не се двоумеше да ја прими нашата природа, за да ја обнови, не се колебаше да дојде и да го побара и спаси загубеното (Мат. 18, 11).

 

Возљубени Христољубци,

Смирението и послушноста се првите доблести на кои нè научи Богомладенецот Христос. Тој со својот пример ни ги покажа овие добродетели, раѓајќи се во најголема скромност… На непослушноста и горделивоста на Адам, нашиот прататко, кои се вселија преку неговиот грев во човечката природа, Тој – Христос, нашиот Бог, одговори со послушноста и смиреноста пред волјата на Отецот. Затоа, воскликнува црковниот проповедник: јас не знам на што повеќе да се чудам – на тоа што е толку голем, или на тоа што Он толку многу е смирен; на тоа што е толку богат, или на тоа што станал толку сиромав! Со овој чин Човекољубивиот Бог нè поучи дека секој човек е подеднакво вреден, сите сме еднакви, зашто ниту палатата го прави човекот подобар, ниту, пак, трошна куќа го прави помалку скапоцен и достоен за секоја радост.
Во она рано утро, на Спасителот на светот први Му се поклонија сиромашните пастири, тие први ја слушнаа и доживеаја радоста над радостите. Со тоа Господ ни покажа дека не гледа ниту на положба, ниту на ученост, ниту на богатство… Тој гледа на чистината на нашето срце (Дела 10, 34), гледа на нашата вера, гледа на нашата љубов кон Него и кон ближниот – тоа се особините што ги цени и бара нашиот Бог. На Новородениот во Витлеем Му се поклонија и богатите и учени мудреци од Исток, кои, водени од необичната ѕвезда, го најдоа местото каде што се роди Спасителот на светот. Ако во пастирите го гледаме еврејскиот народ, во мудреците го препознаваме тогашниот незнабожечки свет. Богочовекот Христос е Тој што секого и сè обединува и, според зборовите на апостолот, помирувајќи ги во едно тело обата народи (Еф. 2, 16), го создаде родот христијански, родот што ќе постои вечно.

Возљубени празникољубци,

На овој празник, преку песната на ангелите, кои радосно воскликнуваат слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја, ни е даден и покажан патот на постоењето, патот на надежта, дадена ни е единствената насока по која треба да чекориме. А, тој пат оди и води кон возвишени цели – во љубов кон Бога и во љубов кон ближните. Овие два пата оформуваат крст, а тоа е самостојниот подвиг на секој од нас, подвигот со кој се здобива внатрешниот мир. А кој е тој мир, на кој ангелите повикуваат? Тоа е измирувањето најпрво со самите себеси, со својата совест, со своето духовно поведение. Тој внатрешен мир се постигнува преку смирението, преку победата над страстите. Само оној човек што ќе се исполни со мирот што доаѓа одозгора, ќе ги упати своите нозе по патот на мирот (Лука 1, 79), тој ќе се смири и пред Бога и пред другите. Таквиот човек верува дека Бог постои и само Нему Му оддава слава, тој знае што значи не нам Господи, не нам, а на Твоето име дај слава (Ис. 52, 5). Таквиот човек ќе биде способен да шири мир, да сплотува, да помирува – да биде миротворец. А нам денес ни е најпотребен мирот меѓу нас, мирот и спокојството меѓу нашиот народ. Потребно ни е единство во македонскиот род, единство меѓу Македонците во Татковината и со сите распрснати по светот. Зашто, за жал, кога ни е најпотребно единството, во овие времиња со постојани искушенија, раздорот меѓу нас како да е сè поголем. Па, ако немаме постојано мир и љубов меѓу нас, како Го пречекуваме Христа и какви христијани сме? Витлеемската пештера го смести во своите јасли, а имаме ли ние место во своите срца за Него? Ние денес како да не сме подготвени ни пештера, ни јасли не Му дадеме. Сме го истерале од нашите животи и Тој не живее ни во нашите семејства, ни во нашиот брак, ни во нашиот дом, не живее ни во нашето училиште. Христос треба да биде единствената смисла на нашиот живот. Да го исполнуваме она на што Богомладенецот нè повикува: да го почитуваме и љубиме секого како самите себе, да го почитуваме човечкото достоинство и правото на живот, на слобода, на име, на посебност…

Денес родениот Богомладенец нè повика да стануваме сè повеќе небески луѓе, а тоа значи постојано да бидеме добри еден спрема друг, сочувствителни, да си проштеваме еден на друг, како што и Бог ни проштева во Христа (Еф. 4, 22-24; 24-29; 5, 1-2, 17), да не се грижиме само за себе, туку и за другите (Филип 2, 4).

Господ ни даде можност, а ние треба да собереме сили и како некогаш пастирите и мудреците, да застанеме еднодушно пред јаслите во кои лежи Богомладенецот, да застанеме со добра волја и љубов, за да обезбедиме мир меѓу нас.

Возљубени чеда на Новородениот Спасител
На овој ден, се облече Бог во нашето тело, сакајќи да нè обложи во своето божество, вели свети Климент Охридски. Светоста е идеалот кон кој треба да се стремиме. Тој идеал го следеле многумина и затоа е богат нашиот род со светии: имаме многу светли примери за подражавање, имаме на кого да се угледаме, кого да следиме и во верата, и во подвигот, и во љубовта кон Бога и ближните и во надежта во идното царство. Оваа година ќе одбележиме 1100 години од упокојувањето на нашиот голем просветител – свети Наум, охридскиот чудотворец, сотрудникот на свети Климент на нивата Господова по нашата македонска земја. Единаесет столетија живее споменот и не се заборава делото што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, што е добродетел, што е пофалба (сп. Филип. 4, 8-9).

Па, да се радуваме, да се усовршуваме, да се утешуваме, да бидеме едномислени, да живееме во мир и Бог на љубовта нека биде со сите (сп. 2 Кор. 13, 11). Амин! Христос се роди!, се наведува во Божикното послание на  архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ митрополитите: Полошко-кумановски Кирил, Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар,  Дебарско-кичевски Тимотеј, Струмички Наум, Повардарски Агатангел, Американско-канадски Методиј, Европски Пимен, Брегалнички Иларион, епископот Хераклејски Климент и поранешниот Европски митрополит  Горазд