Со полагање свежо цвеќе на Илинденското спомен обележје во Велгошти, вечерва општина Охрид ги започна Илинденските празнувања. Градоначалникот Никола Бакрачески, заедно со претставници од окалната смаоуправа положи цвеќе на споменикот во историското Велгошти. Како што нагласи градоначалникот Бакрачески, во предвечерието на најголемиот и најсветлиот македонски празник, во историското Велгошти е формирана првата востаничка чета на ТМОРО во Охрид и охридско.

– Тука, во манастирот „Св. Петка“,поставени се темелите на востаничкото организирање во Охрид, а за тоа еден од свидетелите на тој настан, војводата Андреј Христов ќе рече: „Во цела Македонија и Одринско има веќе силна подготвка за слобода. За таа цел и тука во нашава околија се создава, драги јунаци, во вашето лице, првата охридска чета. Ако вие навистина сте решиле да му служите на тој идеал, ви предлагаме овде да земете заклетва.“ На повикот за востание, преку 2000 охриѓани, меѓу кои и 200 велгоштани, застанале под македонското црвено знаме, на кое пишувало „Смрт или слобода“.Идеалите на славните илинденци од 1903-та ќе ги остварат многу години подоцна другите генерации македонски јунаци, со победата во Втората светска војна кога се удрени темелите на Македонската држава.На сто и тринаесет годишнината од првиот Илинден од 1903-та и 72 годишнината од АСНОМ, Илинденската епопеја и денес е жива во Велгошти, а Вие драги Велгоштани сте најдобрите чувари на илинденските идеали за слободна и самостојна Македонија, истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

На крајот, градоначалникот подвлече, илинденскиот идеал за слободна и праведна Македонија да остане да живее уште недоброј генерации нови македонци, под сонцето на слободна , суверена и независна Македонија.
 извор Ohrid1.mk