Вести

Четири години од трагичната смрт на Тоше

 Пред четири години во магливо утро на автопатот Белград – Загреб кај Нова Градишка во тешка сообраќајна несреќа згасна животот на најголемата балканскаи македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески.

Останавме без својот музички ангел, без ѕвезденото момче со кое се идентификуваа многу млади луѓе и чија енергија и насмевка остануваше долго. 

Првата средба со музиката Тоше Проески ја имаше на 11-годишна возраст со учество на фестивалот “Златно славејче” во 1992 година. Четири години подоцна, учествуваше и победи на тин-фестивалот “Мелфест” во Прилеп. Со “Пушти ме” дебитираше на “Макфест” во 1997 година. Следната година со нумерата “Остани до крај” првпат настапи на Скопскиот фестивал. Истата година тој почна да соработува и со Григор Копров, од чија соработка произлегоа големите хитови “Усни на усни” и “Сонце во твоите руси коси”. Со “Твоите бакнежи на моите бели кошули” ја освои првата награда од публиката на Скопскиот фестивал. “Некаде во ноќта” е негов деби-албум што се појави во 1999 година.

Истата година Тоше потпиша договор со продуцентската куќа “Авалон”, која му организира прв самостоен концерт на Скопското лизгалиште. Една година по

доцна излезе и вториот албум на Тоше “Синот божји”, кој се памети по хитовите “Немир”, дует со Каролина Гочева, “Во коси да ти спијам”, “Тајно моја”…. Со песната “Сонце во твоите руси коси” ја освои втората награда од жири-комисијата на фестивалот “Сунчане скале” во Херцег Нови 2001 година. Тоше истата година одржа пет концерти во Универзална сала и еден во преполната Сава центар, и набрзо потоа ја заврши соработката со “Авалон продукција”.

 

Тоше својот бум во кариерата го доживеа за време на соработката со менаџерката Лилјана Петровиќ. Неговиот трет албум “Ако ме погледнеш во очи” излезе на македонски и на српски јазик во октомври 2002 година. Овде треба да се истакне неговата соработка со грчкиот композитор Фивос, а автор на текстовите е познатиот српски текстописец Марина Туцаковиќ. Како гости на ова музичко остварување се јавуваат познатиот диџеј Каан, турската група “Харем”, а продуцент е Манолис Влахос. Една година подоцна Тоше со “Чија си” (песна на Леонтина) победи на “Беовизија”, фестивал во Србија. Оваа нумера стана вистински хит во Србија и дел од популарноста на Тоше во оваа земја и’ се припишува токму на оваа песна. Со “Ангел си ти” Тоше ја претставуваше Македонија на изборот за песна на Евровизија во Истанбул 2004 година и го освои 14. место. Истата година го објави албумот “Ден за нас”.

 16144_1055199196125_1710180872_119794_4574119_n

“По тебе” или на српски “Пратим те” е албумот што Тоше го издаде во 2005 година и со него постигна голем успех на поранешните југословенски простори. Со нумерите од ова цеде, покрај во Србија, почна да прави кариера и во Хрватска. 
 
Минатата година излезе компилацискиот албум “Божилак” на кој Тоше испеа 14 одбрани македонски песни. Во неговото последно интервју за “Вртелешка”, за овој албум изјави дека претставува добар амбасадор на музиката, бидејќи одлично помина во Србија и во Хрватска. 
 
“Игри без граници”, неговиот последен албум, излезе во почетокот на август. Новите песни моментно се во врвот на топ-листите во Хрватска. Промоцијата пред македонската публика се случи на големиот концерт што го одржа Тоше на Градски стадион на 5 октомври пред 25-илјадната публика. Тоа беше негов трет и најпосетен концерт. По неговата смрт, овој албум речиси се распродаде во музичките продавници, а исто толку големо интересирање постои и за “Божилак”
 
Трагичната смрт на Тоше ја обедини и македонската естрада, која заедно тагуваше. Сочувство до најблиските и последен поздрав до Тоше дојдоа да упатат и Светлана Цеца Ражњатовиќ, Тони Цетински, Жељко Јоксимовиќ, Аки Ракимовски, Владо Георгиев…

Тоше беше погребан во Алејата на великаните. Државното знаме со кое беше покриен неговиот ковчег му беше предадено на неговиот татко Никола Проески, а во негова чест беа испукани три плотуни. Во времето кога беше закажана погребната церемонија, целиот сообраќај во Скопје беше запрен. Погребот на момчето што мислеше секогаш на незаштитените, слабите, малите го пренесуваа националните телевизии и неколку од соседните земји. Плачеше целата земја.