Вести

Членството во НАТО и ЕУ е врвен приоритет на Македонијa

Членството во НАТО и ЕУ е врвен приоритет на надворешната политика на Република Македонија и логичен исход на постигнатиот напредок во реформите во сите сфери од општественото живеење, истакна македонскиот премиер Никола Груевски на отворањето на дводневната конференција „Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“ што почна денеска во Охрид.

Очекувавме прием во НАТО уште на Самитот во Букурешт, но се разочаравме од исходот бидејќи ни беше наметнато како услов да го решиме проблемот со името. Сепак, тоа нема да не отргне од вистинскиот пат, ќе продолжиме со реформите и конструктивниот пристап во разговорите со Грција, рече Груевски.

Македонија, како што нагласи, е подготвена на компромис кој нема да ги загрози националните интереси и националното достоинство.

– Би било апсурдно ако цената за влез во Европската унија стане нешто спротивно на европските вредности, односно откажување од сопствениот идентитет, рече Груевски.

Тој очекува по завршувањето на трите оценски мисии во март Европската комисија да поднесе предлог до Советот на ЕУ за укинување на визите за македонските граѓани, а безвизниот режим да стапи во сила до крајот на 2009 година.

На собирот во Охрид, чија цел е поддршка и афирмација на стратешката цел на Македонија – интеграција во ЕУ и НАТО, учествуваат и поранешните претседатели на Македонија, Бугарија, Турција и Романија, Киро Глигоров, Жељу Желев, Сулејман Демирел и Емил Константинеску, како и други претставници од општествениот и политичкиот живот на Балканот.

На неколкуте работни сесии ќе бидат опфатени темите „Местото на Република Македонија во ЈИЕ, 18 години по осамостојувањето“

 

, „Улогата на политичките митови и легенди на Балканот“, Меѓуетничките односи и идентитети“, „Членството на Република Македонија во НАТО“ и „ЕУ стратегија за границите на Балканот-поместување, но не и прекројување“.

Домаќин на конференцијата во Охрид е министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски.

 

 

.:Macedonia News:. – 20.02.2009.