patuvacki_busВо Понеделник, 21-ви Мај, 2012 година, во 12 часот во Велгошти , во близина на ОУ Живко Чинго, со поддршка од страна на Општина Охрид, почнува активноста „ЕУ одблизу“ со која е предвидено претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на ЕУ и Секретаријатот за европски прашања, со ЕУ автобус да посетат 10 села низ Република Македонија.

Жителите на Велгошти и бројните посетители ќе имаат можност во непосредна комуникација со тимот од ЕУ автобусот да постават секаков вид на прашања поврзани со Европската Унија, пристапувањето на земјата во Унијата, можностите за искористувањето на фондовите од ИПА програмата и другите програми на ЕУ, како и за други активности поврзани со ЕУ во земјата.

Во Велгошти ќе присуствува г-дин. Роберт Лидел, Заменик на Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија. Покрај тоа, жителите на Велгошти и останатите села од околината ќе може да добијат десeтина различни видови брошури на теми поврзани со ЕУ.

Најмладите ќе може да учествуваат во две наградни игри. Во активноста ќе учествуваат и претставници на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, која ја спроведува ИПАРД програмата на ЕУ наменета за поддршка на земјоделието и руралниот развој, како и Европското движење на Македонија, членка на најстарата и најголемата невладина организација за обединување на Европа.

Целта на оваа активност, организирана од Делегацијата на Европската Унија е да се оствари директна комуникација со граѓаните од руралните области и на тој начин непосредно да се презентираат информации за ЕУ и да се образложат добивките и обврските кои произлегуваат од зачленувањето во Унијата.

За повеќе информации поврзани со ова соопштение контактирајте го: г-дин Валентин Нешовски, одговорен за односи со јавност во ЕУ Инфо Центарот: тел +389 (0)2 329 6363. E-mail: valentin.nesovski @ euic.mk