vmro-dpmne-otcet-2011-2014-29Победник е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со 55 или повеќе пратеници. Изборниот ден помина во фер и демократска атмосфера, нагласи лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски на прес – конференцијата прогласувајќи ја победата на седмите парламентарни избори во Република Македонија.

Сите ние заедно во Македонија сме победници, подвлече Груевски, бидејќи победи демокатијата, волјата на мнозинството граѓани, победија фер и демократските избори во Република Македонија.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се грижи и да работи за сите граѓани на Република Македонија независно од политичката, верската и етничката припадност. За сите ќе се бориме да им помогнеме. Сите ние два милиони граѓани во оваа држава имаме иста судибина, сите имаме сон Македонија да биде успешна и просперитетна држава, да стане членка на НАТО и ЕУ. Земја за која ќе се зборува по добро, а не по лошо, младите ќе гледаат своја иднина и перспектива во земјата, а не надвор, е пораката што вечерва ја упати Груевски и им се заблагодари на мнозинството граѓани кои ја дадоа поддршката за коалицијата „За подобра Македонија“, но и на сите политички партии.

За овој успех, подвлече, заслугата не ја носи само организаторот на изборите, туку сите граѓани на Република Македонија.

– За нас оваа победа и оваа поддршка има многу поголемо значење и сила отколку сите досегашни победи бидејќи доаѓа по речиси пет и повеќе години во исклучително тешко време. По речиси пет години водење на државата во кои цели 2,5 години во време на најголемата светска економска криза, по две блокади за НАТО и ЕУ. Во овие околности оваа победа има посебна тежина и значење за нас во ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Оваа победа, истакна Груевски, значи дека мнозинството граѓани на Република Македонија препознаа дека ВМРО-ДПМНЕ и во кризата и во тешки околности покажа дека знае да се справи со најтешки проблеми со најмалку можна штета.

– Тоа беше нашата посветеност во овие 2,5 години. Оваа победа и оваа огромна доверба од гласачите, од народот, од граѓаните на Република Македонија говори дека мнозинството граѓани дефинитивно препознаа дека и покрај многуте попречувања предизвикани од кризата и блокадите од Грција, сепак, на Македонија и се случи нов момент во политиката, со доаѓањето на нова политичка гарнитура од 2006 кои поставија нови стандарди на политиката во Македонија, рече Груевски.

Тој потенцира дека оваа победа за ВМРО-ДПМНЕ  е уште поголема одговорност отколку на сите досегашни избори и затоа, рече, ние ќе го дадеме максимумот за да ги исполниме ветувањата дадени во Програмата, дури ако може и повеќе. Од утре, најави, продолжува обврската да дадат се од себе да им помагаат на сите граѓани во Република Македонија, затоа што, рече, сите се наши граѓани независно за кој го дале гласот.

Посебна благодарност за поддршката Груевски изрази до македонската дијаспора со која, како што рече, 20 години ВМРО – ДПМНЕ има комуникација, размена на мислења и огромна почит.

извор:   www.mkdnews.com