Во МНТ почна снимањето на филм за ликот и делото на македонскиот раскажувач Живко Чинго во режија на Љубиша Георгиевски

Во Македонскиот народен театар,  пред бистата на Живко Чинго, падна првата клапа од снимањето на документарниот филм за животот и делото на овој голем македонски писател насловен „Мајсторот Чинго“. Филмот е во режија на Љубиша Георгиевски, продуцент е Петар Ѓуровски, сценариото е на Сашо Миленковски, директор на фотографија е Горан Наумовски, а стручен консултант, историчарката Виолета Ачковска.dok cingo

„Проектот е одобрен од Кинотека на Македонија за оваа година, бидејќи се навршуваат 80 години од раѓањето на големиот раскажувач и еден од најмаркантните ликови во македонското книжевно творештво, Живко Чинго. Документарниот филм ќе биде посветен на делото на Чинго, кој има една од водечките улоги во македонското книжевно творештво. Тој остави длабоки корени во македонската литература и ја позиционираше во светски рамки. Значајно за самиот документарен филм е тоа што ќе биде малку поразличен од вообичаената рамка на документарци кои се снимаат, односно во филмот ќе се води еден виртуелен разговор на Чинго со режисерот Георгиевски“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на вчерашната прва клапа од снимањето.ASD-24-

„Да се врати еден жив човек после педесетина години, значи да се врати како дух или како вампир, во секој случај јас се чувствувам прилично метафизички“, рече режисерот Љубиша Георгиевски кој истакна дека постојат два познати наративи за снимањето на еден документарец, а тоа е или да тргнете од раѓањето на оној којшто го документирате, или да тргнете од неговиот гроб.

„Третиот, пак, наратив е да се снимаат парчиња од сеќавања. Но кога една скапоцена вазна ќе се скрши на парчиња, тешко е потоа да се залепи, и секогаш ќе фали некое сеќавање“, истакна Георгиевски кој потсети дека со Живко Чинго имал богата творечка соработка, на како што рече тој, на Чинговата „Пасквелија“ која ја драматизирал и ја режирал, а потоа го поставил на сцена и „Лазарево писмо“.E5F7E7348E9C454EA92A61FFADC8630E

Продуцентот Ѓуровски, пак, истакна дека филмот почнува да се снима во МНТ, каде Чинго бил директор. „Ќе се држиме до документарната форма која ќе донесе повеќе емоција на самиот филм“, рече тој. Историчарката Ачковска, која му е роднина на Живко Чинго истакна дека тој бил исклучителен македонски творец и длабоко емотивна личност, која во себе носела голема хуманост.

„Моето детство и младост се поврзани со овој човек. Во нашиот дом во Охрид, на мојот дедо Томе Чинго, Живко Чинго имаше средби со многу писатели од македонската и светската литература. Чинго другаруваше и со Данило Киш“, посочи историчарката. Според неа, импресионира творештвото на Чинго кое претставува жестока критика кон еден систем на едноумие. „Секогаш кај него може да се најде таа порака дека не треба да ~ се даде предност на ниедна идеологија наспрема сета онаа различност која човекот ја носи во себе“, рече таа. На првата клапа беше најавено дека документарецот ќе се снима летово, а локациите ќе бидат во Скопје, како и во Велгошти, каде се наоѓа и куќата на Чинго. Се очекува филмот да биде готов при крајот на годината