RaskazПознат овогодинешниот добитник на престижната награда „Живко Чинго“. Најзабележителен, според жири комисијата предводена од познатиот охридски поет Славе Ѓорго Димоски, бил расказот „Трансакција“ доставен под шифрата „Нула“.

Според Димоски кој е претседател на оваа жири комисија, наградата за краток расказ „Живко Чинго“ го има највисокиот примат за литературен жанр од овој вид. Еве зошто комисијата се одлучила токму за овој расказ.

„Расказот „Трансакција“ обработува современа урбана тема во која на некој начин сите ние сме заробени и може да се препознаеме. Двата лика во расказот се типови од нашето секојдневие и ги препознаваме на секој чекор и при секоја средба со нив, а во нив можеме да се препознаеме и самите ние понекогаш. Јазикот на које пренесена приказната е лесно прифатлив, близок до пошироката читателска публика, така што придонесува содржината да се восприеми во еден здив.“-рече претседателот на жири комисијата, Славе Ѓорго Димоски.

За победникот на овој конкурс, жири комисијата избирала од потесен круг од три раскази, кои по својот квалитет се издвојувале од другите.

„Јас би споменала и за останатите два раскази, дека според тематиката и композицијата беа дијаметрално спротивни од овој расказ, бидејќи првиот е современ расказ, со тековни збиднувања,, а останатите два раскази беа сведоци за едно дамнешно време, со некои архаични зборови кои што придонесуваа за вредноста на нивното стилско изразување.“-вели Ирена Бачиќ, член на жири комисијата.

Со оглед на квалитетот на пристигнатите раскази, жири комисијата и предложи на локалната самоуправа за наредните години, доделување на награди и за второто и третото место.

„Многу радува фактот што од година во година бројот на пристигнатите ракописи е се поголем и поголем и навистина ќе треба да се разгледаат најпрво можностите за проширување на наградниот фонд, со тоа што ќе се даде импулс и на творците да го зголемат својот интерес за создавање.“-изјави Зоран Јакимовски, член на жири комисијата.

На конкурсот за краток расказ, „Живко Чинго“, годинава биле пријавени вкупно 48 раскази од кои два не ги исполнувале критериумите. Од нив жири комисијата на претпоследниот состанок одржан пред два дена изборот го стеснила на 3 раскази, во кои покрај годинешниот победник, конкурирале и расказот „Момини солзи“ под шифра „Момини солзи“ и расказот „Парапанисан“ под шифра „Парапанисат“.

За брзо време, ќе биде објавено и името на писателот на добитничкиот расказ откако со четвртиот примерок ќе биде потврден неговиот идентитет. Инаку и оваа година ќе продолжи практиката, добитникот на наградата „Живко Чинго“ да одржи беседа на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ која на 13ти Август се одржува во родното место на Чинго во Велгошти.

извор: MKDnews.com