В сабота, на гробиштата во охридското село Велгошти, семејството на големиот македонски писател Живко Чинго ќе одбележи 25 години од неговата смрт на 11 август 1987 година.

Помина четврт век откако Чинго не е меѓу живите, но неговото име не престана да се спомнува – не само во литературна смисла туку и како жртва на комунистичкиот систем. Повторно е актуелен откако комисијата за лустрација објави досиеја на лица за кои смета дека соработувале со службите. Од досието „Драматург“ се насетува дека Чинго бил следен како тогашен директор на МНТ.

Семејството на Чинго, сопругата Павлина и синовите Огнен и Витан не го барале досието за Живко. Пред неколку години ова досие го побарала историчарката Виолета Ачкоска, внука од најстарата сестра на Чинго. Имало траги дека документи постојат, но досието го немало ниту во Архивот ниту во ДБК.

– Човек од МВР што имал пристап ми кажуваше дека досието имало 7-8 илјади страници. Тој беше згрозен од тоа што го прочитал во него. Тие документи биле уништени меѓу првите. Кај него дома доаѓаше цела културна елита. Но многу од колегите со кои соработуваше беа врбувани да го кодошат и тој тоа го знаеше. Познати му беа многу работи од досието што се водеше за него – вели Ачкоска.

Според неа, Живко Чинго на многумина им бил трн во око и му љубомореле поради неговата исклучителна дарба и храброст.

– Тој беше во врвот на југословенската писателска елита, првиот писател од југословенскиот и поширокиот простор што напиша книга со која го девалвира комунистичкиот систем. Тоа е збирката раскази „Пасквелија“, која излезе во 1961 година. Првпат еден писател даде таква критика на комунизмот. Поради тоа измислија секакви начини за да му го извалкаат името. Дури во досието му пишувало дека бил бугарски шпион за да не влезе во МАНУ, или дека земал градежен материјал од театарот за да прави приватна палата. Каква палата, еве ја куќата во Тафталиџе, има една соба горе и една долу – вели Ачкоска.

Според неа, хајката против Чинго почнала уште кога се вработил како новинар во „Млад борец“ и траела сѐ додека не умрел. Службите го следеле на највисоко ниво. Пред да почине, Живко Чинго бил под страшен притисок дека ќе го апсат.

– Додека господата што му го полнеа досието купуваа скап накит за нивните сопруги, Живко почина без денар во џебот. Умре пред да го затворат. Му пукна срцето. Штета што го уништија неговото досие, од него многу работи ќе излезеа на виделина – вели Ачкоска.

Живко Чинго е погребен во родното Велгошти. На денот на погребот цел Охрид бил на нога.

– Во градот имаше амали, работници, на кои тој, кога и да поминеше покрај нив, им правеше муабет, им купуваше леб и цигари. Кога умре вујко ми, најпотресна сцена за мене беше кога пред неговиот сандак дојдоа сите амали со капите симнати – се сеќава Ачкоска.

Другите членови на семејството не сакаат да зборуваат за тортурите врз Чинго. Само велат дека трпел и дека не им кажувал сѐ.

Во досието „Драматург“, под наслов оперативни сознанија, го пишува следното: „Со наименувањето на… (името избришано) за директор на театарот, самоуправните органи ја губат својата основна функција. Честопати своите гледања, концепции и одлуки за работата на оваа театарска куќа ги гледа еднострано, користејќи го авторитетот на општествено-политичките фактори. Во основа е добар писател, раскажувач, без смисла за организација во работењето, не може да го сфати и почувствува театарот онака како што треба поради што зазема арогантен став спрема вработените, поттикнува групашење, опортунизам, создава снажен бирократски апарат, а од друга страна ја занемарува иницијативата на оние што творечки се ангажираат“.

извор Нова Македонија