Културната манифестација со која се чествува творештвото на писателот Живко Чинго, годинава ќе се одржи во сабота 13 август – денот на смртта на писателот. Во атарот на манастирот „Св Петка“ во Велгошти со почеток во 20 часот, покрај полагањето  цвеќе на споменикот на Живко Чинго, свое обраќање ќе има градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, а беседа за творештвото на Живко Чинго ќе одржи Иван Џепароски, книжевен критичар.

На манифестацијата ќе биде врачена и наградата „ Живко Чинго“ за најдобриот расказ „Влегување во песната“ кој беше избран во конкуренција од 60 ракописи.
Програмата ќе биде збогатена со културно-уметничка програма каде ќе настапат учениците од ОМУ „Методи Патче“ и КУД „Илинден“ од Велгошти.